Јасмина МОЈСИЕВА-ГУШЕВА Скопје 821.163.3.09 Чинго Ж. НАРАТИВНИТЕ СИМБОЛИ ВО ПОЕТИКАТА НА ЖИВКО ЧИНГО Со развитокот на интелектуалноста кај човекот, стварноста веќе не се спознава како пасивен одраз на битието, туку таа се јавува во вид на најразлични симболични претстави. Наоѓајќи се во центарот на човечкиот творечки живот симболот не само што е медиумот преку кој се спознава реалноста туку е и директно вмешан во откривањето на тајните на несвесното. Врз него и неговите деривати е заснована сета уметност и наука, сите материјални и духовни творби. Клучни зборови: наративни симболи, Живко Чинго, дожд, ветер, снег, вода, рид, ѕид Уметничко творештво, од своја страна, ќе добие таква форма каква што ќе му додели уметникот, преку процесот на размислувањето и примената на соодветното симболично изразно средство. Како што е добро познато, изразното средство на поетите и писателите е јазикот, кој сам по себе е симболична творба, заснована врз мноштво знаци. Јазикот е физички посочувач на објектот и форма што ја поедноставува или фрагментира надворешната стварност. Симболот има нешто поинаква функција која се состои од индиректно кажување, разбивање на цврстите рамки и спојување на крајностите во единствена визија. Тој не само што, на некој начин, ни го открива она што е скриено, туку се поигрува со менталните структури. Како што вели Ернст Касирер, секој симболизам го сокрива во себе печатот на посредникот што го присилува да се прикрие токму таму каде што има намера да се експонира. (Kasirer, 1985: 83) И наместо да ги симплифицира работите, се стреми да воспостави еден сложен однос преку кој можеме да го доловиме и присуството на невидливото и недообјаснивото. Тоа се должи на смислата на неговите бројни, варирачки, дури некогаш и спротиставени значења. Токму повикувањето на бесконечноста на еден тоталитет претставува главна привлечност на симболот како што ќе се изрази Пол де Ман (Man, 1975: 259
236) и таа негова специфика му дава длабина погодна за уметничкото изразување. Симболиката е една од главните особености на Чинговата проза. Ако сакаме да ги осознаеме вистинските идејни содржини и цели, односно вистинската политичка, социјална и психолошка заднина на прозата на Чинго, потребно е да навлеземе во неговиот симболичен книжевен свет преку имагинарните структури што најчесто ги користи. 260 Природа Некои Чингови раскази од збирките Пасквелија, Нова Пасквелија, Гроб за душата содржат метафорични елементи од фолклорното наследство вообличени во симболи. Симболично-метафоричните вклучувања на пооделни елементи во целината на Пасквелија, но и во севкупното негово творештво се изразени преку природните појави суши, поплави, ветрови, снегови. Природата на единството на нивниот ритам се огледа во заедничкиот јазик преку кој се толкуваат природните појави и случувањата во човечкиот живот. Анимистичките пејсажи сонце, небо, ветер, облаци, дожд, снег, фортуна се основни симболи и метафори на човековата судбина. Преку нив се изразува идеолошката страна, верувањата, моралот, карактерот кои стојат во нераскинлива врска со дискурсот. Сите тие функционираат како симболи назначувајќи ја насоката во која се одвиваат толкувањата на текстовите. Во структурата на книжевниот текст Чинго внесува разни отпори, антитези, искривоколчувања, се со една цел да се пронајдат вистинските вредности. Тие вредности се изразуваат во симболите на раѓањето на новото сонце, будењето, создавањето на новиот човек во новата имагинарна земја Пасквелија, во која владее нов идеолошки систем. Јунаците од Чинговата проза, а преку нив и тој самиот, најчесто своите несогласувања со тој систем ги изразува со употреба на симболи од природата. Дувањето на јужниот ветер ја наговестува смртта во фамилијата, што се случува во расказот Понекогаш кога ќе задува јужниот ветер (Чинго, 1992 кн.1:56), поројните дождови и поплавата ја следат несреќната судбина на ќерката која симулирала бременост за да ги нахрани своите гладни браќа и сестри, како во расказот Ќерка, (Чинго, 1992 кн.1:96), губењето на водата е иконографија во која се раскажува за злото што ја снашло фамилијата на Воведа Иваноска од расказот Губењето на водата (Чинго, 1992 кн.1:279) и тн. Скоро во секој расказ, во различни форми, го среќаваме таканаречениот симбол - природа. Тој се појавува како некоја сила што предочува некаква тајна, како чудо кое лебди во воздухот. Чинго често го користи тој симбол кога сака со одредени катаклизматични појави да прикаже некои несреќни настани како асоцијација на одредено време што е поврзано со судирот помеѓу новото и старото.
Вода Зад своите илјада форми, имагинацијата крие една привилигирана активна супстанција, која го определува единството на изразот. Воопшто не е тешко да се докаже дека таа привилегирана материја кај Чинго е водата, или попрецизно кажано, една специфична бистра вода сета распрскана во безграничните одблесоци на слободата во неговиот прв роман Сребрените снегови, проточната вода што шепоти произведувајќи кристални звуци во постхумно објавениот роман Ал, длабоката мајчинска вода во најпознатиот нагов роман Големата вода, и изворската прочистувачка вода во недовршениот роман Бабаџан. Во романот Големата вода, базиран врз доживувањата на децата од Домот по Втората светска војна, водата е присутна како симбол, кон кој се тежнее во текот на целиот роман. На децата од Домот им недостасува незаборавната мајчинска љубов и затоа се свртени кон една метафорична мајка големата вода. Се работи за суштински принцип на материјалната имагинација која обврзува во темелот на секоја супстанцијална слика да се најде еден од првобитните елементи-водата која го имплицира создавањето. Тоа доаѓа од нејзиното супстанцијално својство на протекливост, растворливост, хранливост. Според Башлар (Башлар, 1997: 158) водата иплицира мајчинство преку асоцијацијата за мајчиното млеко. Водите се нашите мајки. Од нашите потсвесни сеќавања, од нашите детски љубови, од оние љубови кои поаѓале од суштеството се раѓа претставата за мајката хранителка, заштитничка, а токму тоа е што им недостига на изгладнетите деца од Домот. Големата вода влева надеж кај домските деца, отвора некакви перспективи, предочува бесконечни можности. Остава впечаток дека ќе ги исчисти од неморал животите на воспитувачите и ќе им даде нови димензии на детските животи отворајќи ја вратата кон слободата и обновувајќи ја нивната радосна насмевка. Со Големата вода тие не се сами, водата ги сплотува и стануваат свесни дека се создадени за поинаков живот во кој царува љубовта. Затоа се огорчени на студениот, празен, суров живот кој им го нуди Домот. И власта е свесна за тоа и затоа настојува да ги оддели од Големата вода со ѕид, со закани, со казни, но шумот на Големата вода не може да се уништи. Тој шум ги одржува во живот, ги разведрува нивните души и им влева храброст. Треба ли да си спомнувам за оние занесени, чудесни часови на среќа, поминати таа ноќ кај Големата вода. Проклет да бидам, каков убав сон беше Големата вода, -секогаш верував во измислици.(чинго, 1992 кн3.:20) Најпрвин Големата вода се јавува како содржина, потоа како илузија, а најпосле како форма. Сонот е главниот корен кој влече кон големото просто несвесно на првобитниот детски живот. Но тој е разделен во мрежести снопови коренчиња кои егзистираат блиску до површината. Токму 261
во тој предел се меша свесното и несвесното на кое им посветуваме посебно внимание изучувајќи ја имагинацијата. Длабоката зона е секогаш активна, а материјалната слика на водата ги одржува несвесните слики на исконската потреба да се има мајка заштитничка. Првите интересни сфери на секој човек ги определуваат некои органски потреби за храна, топлина, сигурност, нежност, љубов. Се разбира подоцна ќе дојдат други љубови за да се накалемат врз првите наши љубени сакани. Меѓутоа ниедна љубов не ќе може никогаш да го поништи првенството на мајчината љубов. Следствено на тоа колку пометафорично ќе биде изразено некое чувство на љубовта и на симпатијата толку поголема ќе биде потребата од тоа чувство. Чинго благодарејќи на своите творечките напори многу успешно ја претставува, неопходноста од вистинска љубов. Посебно во домските услови таа потреба за заштита е уште повеќе изразена. Во такви услови да се сака да се достигне сонот за Големата вода преку делкањето на парчето дрво значи да се најде метафора за една стара љубов. Да се сака широчината, блесокот на Големата вода, објективно значи бескрајност на љубовта кон мајката. И сето тоа се постигнува преку принципот на креацијата. Уште едно симболичко својство на водата е загатнато во овие романи. Тоа е чистотата како една од суштинските вредности за валоризацијата. Можно е чистотата да ги симболизира сите морални вредности во двата романи Сребрените снегови и Големата вода. Снеговите, од првиот негов роман, со својот сјаен бласок ја симболизираат токму таа морална чистота на детските души во зафрленото село Скутаско. Сето ова е поврзано и со митот за светлината кој се развива врз визиите за белината на снегот што се топи, светлината на сонцето, одблесокот на околните ридови, светкавите очи на учителката Ген и нејзината топла насмевка. Сета таа белина се развива сукцесивно за да се дојде неосетно до поврзување на светлината со топлината на човечката душа. Светлината на романот се јавува како супстанца на доброто, на вистината. Преку неа Чинго ја асоцира исконската поврзаност со наивната детска насмевка со желбата за сознанието кое и овде како и во романот Големата вода е попречувано од возрасните. Истиот мит за светлината е вткајан во детските размислувања, односи, доживувања и игри на домските деца изразени преку копнежот за белината на Сентерлевиот рид, светкавоста на Големата вода и вечната благородна Кејтеновата насмевка. Детето како митологем евоцира чудна насмевка како кај Кејтеновиот син кој ангелосан цел еден век се смее. Тој незапирливо и страсно се бори против светот на темнината зад Ѕидот. Опозицијата светлина -темнина, ја покажува и опозицијата стравсмеа присутна кај секое дете од Домот. И сите овие чувства се поврзани со водата низ која се изразува големиот ритам на природата. Моќта на 262
водата е во тесна емотивна врска со децата и на тој начин ја изразува човековата исконска поврзаност со генеративната сила на природата. Во неспокојниот, нарушен и крајно возбуден детски свет таа внесува стабилност, спокојство. Водата и светлината од ѕвездите кои се огледуваат во езерската шир се во непосредна асоцијација со копнежот на децата по човечката топлина. Водата се смета за најчиста материја. Таа се нуди како природен симбол на чистотата која помага во прецизирањето на значењата кои се јавуваат во психологијата на прочистувањето. Вистинската валоризација има социјална суштина, таа е сочинета од вредности кои сакаат да вршат меѓусебна размена и имаат обележје познато за сите членови на групата. Идеалот на чистотата, обредите на прочистувањето се однесуваат на материјата која може да ги симболизира. Бистрата вода е постојано искушение за симболизмот на чистотата. Водата е претставена во рамките на космогонискиот мит за прапочетокот и создавањето на светот. Таа е егземпларен модел за креацијата и среќата, но во исто време има и терапевтска вредност да го излекува човекот од болката на една неприфатлива егзистенција. Чинго преку амблеми и симболи ја открива супстанцијалната димензија на човечкиот копнеж по добро здравје како услов за среќа и успешност. Исцелителските својства на водата најмногу се спомнуваат во збирката Гроб за душата и во романот Бабаџан. Обредното миење на печалбарите од неговите раскази е претставено како заштита од лоша судбина но може да се толкува како огледување во огледало кое ја натурализира нашата претстава за себе си, давајќи и природност на гордоста. Можеби затоа печалбарот Силко на почетокот на романот Бабаџан одбива да го изврши обредното миење. Јунакот Силко, што подоцна ќе биде овенчан како Бабаџан III се спротиставува на наговорувањата да се искапи во светата вода пред да тргне на пат. Света е водава Силко синко,.. со арно стриковците му велат, многу е чудотворна, куфетлија, не плаши се не ќе се потурчиш од еден грст вода две три капки аку ставиш на очите, сон ќе ти треба во туѓина, а оваа е таква балсам, метафорична света вода, од длабоко извират, од некоја душа, аманетлиска е редена. Не мојт да бидит турско света вода, - рече, во тоа никој не може да ме убедит, не верувам. (Чинго, 1992 кн. 4.:26) Преку светото исцелувачко својство на водата, овде се тактизира со чувството на верска припадност. Уште ова прво поглавје на романот, каде се споменува турското изворче, не упатува на крајот на романот сугерирајќи ни ја несреќата доколку се пристапува од позиција на верската спротиставеност. Сето ова се поврзува со повеќезначноста на архетипот на водата. 263
Рид Сликата на Сентерловиот рид е карактеристична локација во романот Големата вода. Според Елијаде еден од најстарите легенди на човештвото е легендата за центарот на земјата. Симболизмот на центарот ги инкоорпорира точката на пресекот на космичките нивоа, нотацијата на креативниот простор, тоа е изворот на сета енергија на животот. Тој се спомнува во нарацијата во миговите на најголемата тензија, кога се говори за редот на Аритон Јаковлески, за неприликите во домот, за суровоста на Оливера Стрезовска. Домскиот ред на татенцето Аритон Јаковлески е всушност приказна за она што се случува во Домот. За него редот е најважен, најбитно нешто за неговите воспитаници е способноста да се знае како треба да се стои во стројот, со една цел да се добие подобра карактеристика. Нему не ну е познато каква драма се случува во човекот кога е под таков насилнички притисок. Единствено што им преостанува на децата е вербата во вистинските нешта и мечтаењето по Сентерлевиот рид. Тоа е планина на надеж и победа кон која се насочени сите детски мисли. Кај малите јунаци Кејтен и Лем има некоја метафизичка верба во таа надеж вообличена во конструкцијата на Сентерлевиот рид и Големата вода. Всушност Сентерлевиот рид станува симбол на човековиот копнеж по организираност и вистински ред. Ѕид Затворениот човек мора да се движи само во внатрешниот свет. Заради таа своја ограниченост чувствува немир и копнеж. Доволно е само мала најава дека постои нешто што ни ја ограничува нашата слобода, за да се јави вознемиреност во свеста на секоја единка. Ѕидот е тој кој ги дели домските деца од надворешниот свет, кој наводно ги затвора и штити децата од надворешните штетни влијанија, а всушност им ја ограничува слободата. Пораката на воспитувачите од Домот татенцето Аритон Јаковлески и на другарката Оливера Стрезовска е да не се бара ништо однадвор, туку децата беспрекорно да се покоруваат на ритамот на духовно осиромашениот свет. Од нив се бара железна дисциплина и стравопочит кон своите учители. Ѕидот е тој кој ги затвора и ограничува децата, кој не им дозволува да го напуштат страшниот затворен простор. Знаеш ти си заграден со тој проклет ѕид. Немаш каде, одделен си од другиот свет. Проклет да бидам, од сите страни си заграден (Чинго, 1992 кн.3.:21) - размислуваат малите Чингови јунаци. Симболичката вредност на ѕидот не само што се заснова на прекинатата комуникација чија последица се губење на сигурноста и разумот, туку таа се заснова и на неговата висина, која во романот добива фантастични димензии, спречу- 264
вајќи било какво влијание однадвор. Ѕидот е претставен во сина боја која е најладна од сите бои, чиста и одбивна. Истовремено синиот ѕид престанува да биде ѕид, зошто таа боја е најдлабока, погледот во неа тоне и без да сретне некоја препрека се губи во бескрајот, како бојата постојано да се измолкнува од видот. Сината боја претставува пат во бесконечноста, каде стварното се претвора во имагинарно. Со своето синило ѕидот ја симболизира и отвореноста кон имагинарните простори и духовните вредности. Како и сите симболи и ѕидот е бивалентен означувајќи ја од една страна затвореноста на духот, но истовремено ја предочува и можноста за негова одвореност. Заклучок Симболот доаѓа од човековото несвесно и исполнува длабока функција во личниот и општествениот живот. Функцијата која ја извршуваат Чинговите симболи се движи пред се во општествени рамки бидејќи Чинго е писател кој покажува интерес кон општествените текови. На тој начин тој не можејќи директно да говори за проблемите, ја остварува својата намера говорејќи низ симболи. Некој текст или дискурс станува симболичен тогаш кога мора индирекно да се прикажуваат настаните. На ваков чекор бил приморан и Чинго со оглед на времето во кое настанала неговата проза, кое гледано од денешен аспект можеме да го определиме како тоталитарно режимско. Анализата на неговото творештво говори за богат симболичен динамизам и разновидност кој се движи во распон од природните појави (дожд, ветер, снег, вода) до поими од повеќе други области (рид, ѕид, глувци). Карактеристиката на симболизмот почива на тоа што еден еднозначно одреден смисол не може да биде фиксиран зад настанот или дискурсот што го исполнува. На пример смислата која ја изразува симболот на водата во различен дискирс е различно толкувана. Впрочем тоа е карактеристика на симболот според која тој се разликува од знакот (Benjamin, 1989: 127) кој е еднозначен. Затоа велиме дека сите можни толкувања на Чинговата проза остануваат отворени и секоја содржина содржи одредена веројатност. Ниту една не е еднозначно сигурна. И самото творечко начело е симболично од таму и потребата книжевните текстови постојано одново да се толкуваат. Но како посебна карактеристика на неговиот симболизам е тоа што сите негови текстови содржат нацрт за безнадежната битка на јунакот. Неговите јунаци веруваат спонтано во нив. Тука постои и нешто како опозиција помеѓу јасноста на симболичниот апарат кој Чинго го срочил и темнината на пораката која тој ја испорачува, помеѓу текстуалниот поттик да се симболизира и раскажувачката умешност да се изнајде смислата. 265
Литература: Башлар, Гастон. 1997. Водата и соништата. Табернакул:Скопје Чинго, Живко. 1992. Големата вода. Избрани дела кн.3. Култура: Скопје Чинго, Живко. 1992. Пасквелија. Избрани дела кн.1. Култура: Скопје Чинго, Живко. 1992. Бабаџан. Избрани дела кн.4. Култура: Скопје Benjamin, Valter. Alegorija i zalobna igra. Poreklo njemačke zalobne igre. Veselin Masleša: Sarajevo Kasirer, Ernst.1985. Filozofija simboličkih oblika. Književna zajednica Novog Sada: Novi Sad de Man, Pol. 1975. Problemi moderne kritike. Nolit: Beograd Јасмина МОЈСИЕВА-ГУШЕВА NARRATIVE SYMBOLS IN ZIVKO CINGO S POETICS (Summary) The study is based on the creative opus of Macedonian writer Zivko Cingo and his extraordinary rich narrative symbolism through which he indirectly expresses his attitude towards reality. The analysis of his creative work addresses the rich symbolic dynamism and diversity ranging from natural occurrences (rain, wind, snow, water) to terms from many other areas (hill, wall, mice). 266